gb  german  turkey  china  japan  italy  alb  serbia  france  UAE                                       

Кризен менаџмент на македонски начин

Претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска во неделната колумна за дневниот весник Слободен печат, ја потенцира важноста од начините на делување на одговорните лидери во кризна состојба, потребната инфраструктура која треба да е обезбедена во секое време, јасното и навремено комуницирање со јавноста, демонстрирање на искрена грижа и подадена рака, како и за потребата да се побара помош доколку е потребно.

Во продолжение неделната колумна на Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Кризен менаџмент на македонски начин

Голема е одговорноста да се носат одлуки во името на два милиони граѓани, одлуки кои може да бидат од витално значење за тоа дали економијата ќе се движи напред или ќе стагнира, дали ќе се задржат работните места или претпријатијата ќе се борат со рецесија.

Секој одговорен лидер мора да има разработено сценарио за кризна состојба дури и во ситуациите кога таа не е ниту на повидок. Додека се работи од комотна позиција на владеење, креирање тековни политики и додека се управува со јавните финансии, во исто време би требало да се предвиди и кризен план. Нашиот систем, досега не покажа дека е подготвен за функционирање во криза. Актуелната здравствено-економска криза сеуште трае, а следната криза сигурно повторно ќе дојде ненајавена, затоа лекциите за кризен менаџмент треба да се поднаучат, можеби така некогаш креаторите на политиките однапред ќе се подготвени за тоа што доаѓа.

За криза треба да си подготвен пред да се случи

Кога некој се подготвува да презема јавна функција, сигурно не планира дека токму нему ќе му се случи криза, но сепак треба да биде подготвен и за такво сценарио. Во секој случај, успешното менаџирање на криза, не почнува во моментот кога ќе се најдеш сред ураган. Кризата треба да се предвиди, очекува и да се биде подготвен за неа без разлика дали ќе се случи или не. Се размислува за сите закани кои можат да влијаат врз економијата и деловните активности во одреден момент, вклучително и на природни и човечки катастрофи, каде што спаѓа и опасноста од здравствена пандемија. Сите условни фактори кои постојат како закани треба да се предвидат со извесен кризен план. Најважно за тој план е да може да биде ставен во функција во секој момент, без оглед на изворот на кризата.

Потребната инфраструктура треба да е обезбедена во секое време

Не треба да се чека да дојде криза или природна непогода за да се обезбедат основни средства кои треба да се достапни на национално ниво во секое време. И буџетот и човечките ресурси треба да се добро димензионирани и на располагање на актуелните потреби. Во институциите потребно е да постојат лица назначени и обучени за управување со кризи, кои во клучен момент ќе дадат свој инпут за како најлесно да се менаџира настанатата состојба. Исто така и државниот буџет потребно е да биде флексибилен за да може да адаптира на ризиците доколку е тоа потребно.

Потребно е јасно и навремено комуницирање со јавноста

Еден од најголемите проблеми кој се појавува кога не постои добро менаџирање на криза е задоцнето, некоординирано и нецелосно информирање на јавноста за состојбата. Потребно е во секое време да бидат достапни јасни и прецизни одговори за секоја дилема. Еден пример за тоа се забуните кои настанаа за финансиска помош за исплата на плата, за што во јавноста постоеше мислење дека ќе следи помош за секој вработен од нето плата 14.500 денари, која на крај излезе дека е само финансиска поддршка во форма на позајмица која треба да се врати. Конфузијата креира неизвесност, која ги покренува граѓаните да носат одлуки кои подоцна може скапо да ги чинат.

Да се демонстрира искрена грижа и подадена рака

Сите конфликти и незадоволства произлегуваат од надмено однесување, потребата да се доминира од позиција на моќ, наместо да се биде достапен во моменти кога граѓаните очекуваат помош и кога е генерирано незадоволство од повеќе страни. Учтивоста и грижата се особено важни кога се справува со тешка состојба. Ако сте биле подготвени да преземете одговорна функција, треба да сте подготвени и да работите со сите кои можат да допринесат за полесно надминување на состојбите, а не само со оние кои ви ласкаат.

Да се побара помош доколку е потребно

Доколку не сте подготвени, најдобро е да се повикаат и консултираат сите релевантни организации и експерти да се приклучат во дискусијата за изнаоѓање на решение. Ова ќе овозможи да се идентификуваат проблемите, да се подобри процесот, но и да се добијат различни мислења, нови идеи и изнајдат алтернативни решенија.

Обидете се да им се помогнете на сите

Во време на криза, нема наши и ваши граѓани, деца, родители, вработени. Сите се ваши и затоа сте на позиција на која носите одговорност да работите посветено, да им се помогне и излезе во пресрет на сите граѓани, а не на поединечни интереси.

Да се биде лидер кога има големи предизвици и во услови на криза не е лесно, но и во такви состојби лесно се гледа кој има капацитет да ги води процесите, а кој со многу амбиција, а малку знаење и искуство залутал во политика. Иако во Македонија да се понесе одговорност во политиката е раритет, сепак јасна е пораката дека некогаш со одстранување на оној кој упорно греши и прави штета, може многу повеќе да се добие отколку да се изгуби.

Прочитано 246 пати

Од Претседателот

Да бидеме лидер и глас на бизнис заедницата, подржувач на економскиот раст на членовите на комората. Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија и партнерски забрзано да се движиме напред во нова декада на наше успешно работење.

Арсовска Данелa

Интернационална мрежа

F46DCE922CC1E446A2D47D87A78FE9A1

D234AF1A2FFA9C4197F508DA3F41A889

Контакт

 info @chamber.mk
  +389.2.3091440
  +389.2.3091440
  Црвена Скопска Општина бр.10

Следете не