gb  german  turkey  china  japan  italy  alb  serbia  france  UAE                                       

Три приоритети за заштита на сметководствената дејност

Важноста на финансиските извештаи, годишните сметки и на другите финансиски информации е од големо значење како за корисниците на сметководствените услуги така и за другите ентитети од општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Во таа насока Комората на сметководители смета дека е неопходно да се подигне квалитетот за нивното изготвување, понатаму да  намали нелојалната конкуренција и сивата економија во секторот, како и да се зајакне интересот кај младите за проучување на сметководствената професија,  беше истакнато на денешната прес конференција во Сојуз на стопански комори на Македонија.

Претседателот на Комората на сметководители, Драган Митковски, рече дека потребно е овозможување исклучиво право на потпис  единствено на лице регистрирано како овластен сметководител, со што покрај одговорноста сметководителите ќе имаат и соодветни права кои произлегуваат од нивните квалификации.

„Сметководството треба да се издигне на многу повисоко ниво и да се цени трудот на сметководителите кои со правилна законска имплементација, одговараат на потребите и барањата на своите клиенти, а од друга страна пак, одговораат и на потребите на институциите, поточно на општеството во целина. Во таа насока, сите Закони неопходно е да се донесуваат по претходни консултации и во соработка со релевантните чинители во областа и заеднички да се делува на зголемување на интересот за сметководствената професија која се повеќе старее,  а е од исклучителна важност за стопанството и за државата. Согласно расположливите податоци на регистираните сметководители, 53 години е просечната возраст на сметководителите, а само 24% од вкупниот број регистирани што е нешто над 7.000 се на возраст до 35 години“, истакна Митковски и додаде дека дококу не се подобри состојбата во фелата ќе се соочиме со уште полоши показатели.

Благоја Грозданов, член на УО на Комората на Сметководители вели дека сметководството е нервниот систем на една економија, а професионалците кои секојдневно ја вршат оваа работа се во крајно подредена позиција во споредба со колегите од низа други интелектуални дејности, како ревизори, проценители, адвокати, вешти лица, нотари и сл.

„Потребно е да се преземат низа мерки од страна на надлежните институции за подобрување на состојбите во фелата. Во праксата постои една крајна неизбалансираност измеѓу наметнатите обврски на професијата кои делумно потекнуваат директно од одредени законски решенија, а делумно од практичната примена на законските одредби и правата кои професијата ги има и заштитата која ја добива од оние кои се најголеми корисници на податоците од финансиските извештаи. Еден просечен сметководител во својата работна недела ќе мора да изврши низа наметнати обврски со кои веројатно ќе дојде во контакт или ќе треба да состави извештаи за Централниот регистар, Управата за јавни приходи, Државниот завод за статистика, Народната банка, комерцијалните банки и сл. На сите овие наметнати обврски мора да се стави контратежа, односно да се постигне баланс меѓу правата и обврските. Сите институции кои се крајни корисници на извештаи кои очекуваат да ги добијат од сметководителите мора да ја препознаат важноста на професијата и заедно да работат на нејзина заштита и издигање. Во спротивно ќе се соочиме со реалноста на ситуацијата многу брзо. Без ред во фелата податоците од финансиските извештаи ќе се со низок квалитет, даночната евазија ќе биде се’ поголема, сивата економија ќе цвета и за кусо време никој нема да сака да врши сметководствени работи поради дисбалансот на одговорностите и обврските од една страна и наградите од друга страна. Всушност, набрзо оваа професија која демографски гледано и онака е „стара“ ќе стане дефицитарна. Онака како што сега се одвиваат работите, не познавам млад човек кој би сакал да ја работи оваа работа“, истакна Грозданов.

Како и во останатите дејности и во оваа дејност потребно е да се расчисти со сивата економија, со тоа што само лиценцираните сметководители кои се запишани во соодветните регистри ќе имаат право да ги доставуваат  извештаите до надлежните институции.

Комората на Сметководители континуирано работи на подобрување на квалитетот при вршењето на сметководствените работи со цел регулирање на професијата и заштита не само на компаниите кои се занимаваат со оваа дејност, туку и на сите останати компании  - корисници на услугите.

Прочитано 118 пати

Од Претседателот

Да бидеме лидер и глас на бизнис заедницата, подржувач на економскиот раст на членовите на комората. Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија и партнерски забрзано да се движиме напред во нова декада на наше успешно работење.

Арсовска Данелa

Интернационална мрежа

F46DCE922CC1E446A2D47D87A78FE9A1

D234AF1A2FFA9C4197F508DA3F41A889

Контакт

 info @chamber.mk
  +389.2.3091440
  +389.2.3091440
  Црвена Скопска Општина бр.10

Следете не