gb  german  turkey  china  japan  italy  alb  serbia  france  UAE                                       

МЕДИЈАЦИЈА

 

Комора на медијатори на Република Македонија е основана на 17.07.2017 година, како непрофитна организација со својство на правно лице.

Седиштето на Комората е во Скопје.

Комората го води Именикот на медијатори, каде што се запишани сите медијатори кои имаат лиценца за вршење на медијаторски работииздадена од Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
 
 

Органи на Комората

  • Собрание на Комората кој е највисок орган,
  • Претседател на Комората кој е претседател на УО
  • Управен одбор,
  • Надзорен одбори
  • Етичкиот совет на Комората.

 

Визија

Комората во делокруг на своето работење голем акцент става врз подигнување на свеста кај населението за предностите на медијацијата, особено на можноста за решавање на споровите за пократко време и со помалку трошоци.

КМРМ оценува дека со зголемување на бројот на предмети што се решаваат во постапка на медијација и во која страните во спорот постигнуваат спогодба, се создаваат предуслови за намалување на високиот степен на конфликтност во општеството и се создаваат можности за поголема соработка меѓу граѓаните и деловните субјекти во општеството.
 

Мисија

Комората на медијатори го штити угледот и честа на медијаторите и се грижи за афирмација на Комората и медијацијата во општеството.Основна цел е развивање, унапредување и промоцијана медијацијата како алтернативен начин на решавање на споровите.

Комората за реализација на своите задачи остварува соработка со државни органи, со органи на правосудниот ситем, стопанските комори и комори на граѓани од различни професии академски и образовни институции, граѓански здруженија, меѓународни организации како и со медиуми.
 

КРАТОК ОСВРТ НА МЕДИЈАЦИЈАТА

 
Медијација е процес навонсудско решавање на решавање на спорниот однос со помош на трета неутрална страна – медијатор, кој го олеснува процесот на решавање на спорот и постигнување на заедничко прифатливо решение. Во однос на судската постапка медијацијата е доброволна, неформална, доверлива, нејавна, брза и економична постапка. Постапката на медијација трае најмногу 60 дена од денот на давање на изјавата за започнување на постапката, без оглед на исходот. Секоја страна сама ги подмирува своите трошоци, а заедничките трошоци ги подмируваат во еднакви делови доколку не е поинаку договорено.

Страните своеволно избираат еден или повеќе медијатори од Именикот на медијатори, а притоа непостојат ограничувања според територијално седиште за постапување на медијаторот.Ако страните не може да се спогодат за медијаторот, може да побараат од КМРМ да препорача или да го определи истиот.

Постапката на медијација , може да биде
  1. доброволна,
  2. договорна и
  3. со задолжителен обид предвиден со посебен закон

Кога постапката на медијација е доброволна, започнува кога двете страни писмено се соглассуваат дека ќе учествуваат во постапка за медијација или со потпишување на изјава за согласност дадена на записник пред суд.

Кога за одреден вид на спорови е предвиден задолжителен обид на медијација, медијацијата започува на денот кога е пратена покана за учество во медијација.

Кога во писмен договор, договорните страни предвиделе во случај на спор истиот да се обидат да го решат со медијација, медијацијата е договорна. Судот ќе ја отфрли тужбата за спор во врска со договорен однос во кој странките предвиделе спорот да го решат со медијација а не се обиделе односно не приложиле кон тужбата доказ дека е направен обид за решавање со медијација.

Доколку страните постигнат заемно прифатливо решение – спогодба, истата може да се солемизира на нотар и да има иста правна важност како и судската одлука. По постигнатата спогодба, страните остануваат во добри деловни контакти, што не е случај по завршена судска постапка.

Медијацијата се применува во спорни односи каде што страните слободно располагаат со своите барања, а особено во облигационите, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, спорови во врска со дискриминацијата, во кривичните спорови како во други спорни односи каде што медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.

Со измените на Законот за парнична постапка во 2015 година (Службен Весник на РМ. Бр.124 од 23.07.2015 год.), се воведува задолжителен обид на медијација при решавање на спорните односи во стопанските спорови во вредност до 1.000.000 денари, пред поднесување тужба пред суд.

Судот ќе ја отфрли тужбата доколку како прилог кон тужбата не е доставен и доказ од лиценциран медијатор дека обидот за медијација за предметниот спор за кој е поднесена тужбата, завршил без успех.
 
 
15 најчесто поставувани  прашања за медијација
 
  1. Што е медијација?
Медијацијата е мирно решавање спорови помеѓу две или повеќе страни со посредство на медијатор - трета неутрална страна, со цел постигнување заемно прифатливо решение изразено во писмена спогодба.
 
  1. Кои видови спорови се решаваат со медијација?
Медијацијата може да се примени во решавање на имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, како и спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, но и спорови  поврзани со дискриминацијата.
 
  1. Зашто да изберете медијација наместо судска постапка?
  • Затоа што постапката на медијација е економична, ефикасна и брза постапка
  • Затоа што постапката на медијација е доброволна и се спроведува со цел да се задржат или обноват добри односи помеѓу инволвираните  
  • Затоа што судската постапка е јавна, а медијацијата е доверлива и се спроведува надвор од очите на  јавноста
  • Затоа што страните во постапката на медијација се еднакви, рамноправни и активно учествуваат во постапката
  • Затоа што секоја од страните може да отстапи од натамошно учество во постапката во били која фаза без било какво образложение
  • Затоа што во медијацијата нема двостепеност како во судската постапка
  • Затоа што медијаторот го бираат страните, а судијата немаат право да го изберат
  • Затоа штто медијацијата може да се одвива на целата територија на државата, како што и надлежноста на медијаторот се однесува на целата територија на државата
  1. Како да изберете медијатор?
Страните во спорот можат да изберат еден или повеќе медијатори (ко-медијатори) од редот на лицата наведени во Именикот на медијатори кој го води и ажурира Комората на медијатори.
Именикот е јавно објавен на интернет страната на Комората на медијатори www.kmrm.org.mk
Именикот е јавно објавен на интернет страната на Министерството за Правда www.pravda.gov.mk
Именикот е јавно објавен на интернет страните на судовите и на нивните огласни табли
 
  1. Кој може да биде медијатор?
Медијаторот може да биде само лице кое поседува Лиценца за извршување медијаторски работи, издадена од Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
Лиценца може да стекне лице со завршено високо образование, со помината основна обука за медијација од 70 /седумдесет/ часа и положен испит за медијатори.
 
  1. Како се иницира медијација?
Медијацијата може да ја иницирате со поднесување Барање за спроведување медијација, до медијаторот кого ќе го изберете од листата на лиценцирани медијатори во Именикот на медијатори. Во прилог на Барањето се поднесува тековна состојба од ЦРРСМ (за правни лица учесници) или лична карта односно пасош (за физички лица учесници) како и полномошно за застапување во медијација доколку странката има интерес да ја застапува полномошник адвокат со стриктно наведени овластувања кои полномошникот има право да ги превзима во име и во корист на странката која ја застапува.
 
  1. Кога се смета дека медијацијата започнува ?
Кај доброволна медијација, медијацијата започнува на денот кога страните учесници ќе потпишат изјава за согласност за учество во медијација
Кај медијацијата за која е пропишан задолжителен обид според закон, медијацијата започнува на денот кога се праќа покана до спротивната страна
Кај медијацијата предвидена со договор, медијацијата започнува кога и двете страни ќе потпишат писмена изјава за согласност за учество во медијација
 
  1. Колку време може да трае медијацијата ?
Од моментот на започнување на медијацијата, истата може да трае најмногу 60  дена, доколку е започната пред поднесување на тужба, или 45 дена од моментот кога е донесено Решение за прекин од страна на судот каде е веќе по тужба започната постапка за решавање на конкретниот спор.
 
  1. Како се одвива постапка на медијација?
Страните слободно се договараат за начинот на кој ќе се одвива медијацијата и истата се спроведува во четири фази : Подготовк, истражување, разгледување опции за можни решенија и завршница.
Во текот на целата постапка, без оглед која од фазите се спроведува, секоја од странките може да понуди опција како решение на конкретниот спор.
 Медијацијата се спроведува во одвоени средби со разговори помеѓу медијаторот и странката или заеднички разговори/преговарања помеѓу страните со посредство на медијаторот, во деловен простор погоден за спроведување на медијација, на целата територија на државата и во рок од најмногу 60 дена.
 
  1. Која е целта на страните кои се одлучиле за медијација?
Да се обидат во одвоени или заеднички средби со посредство на медијаторот да постигнат спогодба со која компромисно ќе го решат спорот така што ниту една од страните да не се чувствува поразено, а со цел продолжување или обновување на добри односи
 
  1. Кој ја изготвува спогодбата?
Спогодбата ја изготвува медијаторот според насоките кои ги добива од учесниците во постапката, а може да ја изготват и странките доколку има согласност за тоа.
 
  1. Дали спогодбата има иста правна важност како и пресудата во судската постапка, односно дали може да биде извршна исправа?
Кога постапката за медијација се води пред започнување на судска постапка, а страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, тогаш спогодбата потпишана од страните ја солемнизира нотар согласно закон.
Доколку медијацијата започнала откако е веќе поднесена тужба за  конкретниот спор, спогодбата за да се стекне со својство на извршна исправа, се внесува на судскиот записник во вид на судско порамнување.
 
  1. Што ако страните не успеат да постигнат спогодба во медијација?
Ако не се постигне спогодбено решение на спорот, медијаторот им издава Изјава дека постапката е завршена, а страните може да побараат друга разрешница на спорот, односно да поднесат тужба до надлежен суд или да користат друг начин на алтернативно решавање спорови.
 
  1. Кој ги плаќа трошоците во постапката на медијација?
Во постапката за медијација секоја страна ги подмирува своите трошоци, а заедничките трошоци ги намируваат во еднакви делови, освен ако поинаку не се договорат.
 
  1. Што ако страните постигнале спогодба во медијација, истата не ја солемнизирале, а не се исполнети обврските од спогодбата во рокот предвиден за нивно исполнување?
Во ваков случај, постигнатата спогодба во медијација ќе претставува основ за поднесување тужба пред надлежен суд со барање за нејзина целосна реализација преку судска одлука.
 

Медијациска клаузула како правна заштита во договорните односи

Зошто е добро и корисно во бизнисот, при склучување договори за разновидни деловни односи, како правна заштита да се предвиди одредба со медијациска клаузула според која би се пропишало дека во случај на спор во врска со воспоставениот  договорен однос, истиот да се реши по пат на медијација ?

За да се избегне предизвикување на високи судски трошоци и водење долги судски постапки за  решавање спорови во врска со договори, превентивно, уште при подготовката и пишувањето на текстот на договорот, во делот на одредбите за правна заштита, добро е да се се користи  медијациска клаузула. Со оваа клаузула за правна заштита, страните јасно ќе стават на знаење дека во случај на спор, истиот ќе го решат со медијација, во неформална постапка.

Со вака предвидената одредба за правна заштита, уште пред да започне реализацијата на договорот, се стартува со состојба на зголемена доверба на едната спрема другата страна по однос на исполнување на она што значи предмет на договорот и уште на почеток се заштитуваат и двете договорни страни дека ќе го избегнат парничењето, па наместо пред државен суд, доколку е потребно, правда ќе бараат според нивниот интерес и со посредство на трето лице медијатор.

На овој начин, се обезбедува  примена на метода за  решавање на конкретен спор со посредство на трето неутрално лице - медијатор кој би го избрале самите страни, од редот на лиценцираните медијатори запишани во Именикот на медијатори, линк – Именик на лиценцирани медијатори, а судот би бил стварно ненадлежен да постапува по тужба доколку претходно не се направи обид за решавање на спорот со медијација.

Секој од наведените лиценцирани медијатори во Именикот на медијатори, има надлежност да  постапува на целата територија на државата, така што воопшто не претставува проблем од каде е медијаторот на кого ќе му се довери посредувањето при решавање на еден спор

Со избор за употреба на медијациска клаузула, превентивно се спречува поднесување на тужба, а се отвара можност за решавање на одреден конфликт во доверлива и нејавна постапка и вон формалната и строго уредена судска постапка.

Решавањето на споровите од договорните односи со медијација, обезбедува правна заштита за договорните страни според нивните интереси,  како што всушност тие сметаат дека е најдобро за нив, компромисно и без било кој од инволвираните да се почувствува како поразена страна. Ова особено ако се работи за договорен однос кој има значење за идното професионално работење и за одржување добри пријателски и фер колегијални односи кои е подобро да се обноват,задржат, поправат или подобрат отколку да се раскинат засекогаш.

Со предвидување на медијациска клаузула, спорот кој би настанал од еден договор, нема да го решава судија за чиј избор страните секако дека немаат влијание поради постоењето посебни процедури за начинот на распределба на предметите,  туку истиот ќе се решава  брзо, ефикасно и доверливо, според заедничкиот интерес на страните, со посредство на медијаторот или медијаторите во постапка за ко-медијација по избор на страните.

Договорната одредба за правна заштита со медијација -  медијациската клаузула, правилно  гласи :

,,Споровите кои ќе произлезат од овој договор или ќе настанат во врска со договорот, вклучително и споровите за полноважноста на договорот, ќе се решаваат со медијација,, 

При вака предвидена клаузула, решавањето на спорот се превзема во рацете на самите договорни страни, во постапка со која ќе раководи и ќе дава насоки избраниот лиценциран медијатор, а договорните страни ќе го имаат последниот збор за компромисот кој ќе значи решение прифатливо за двете страни.

За поднесување тужба пред суд при настанување на спор,треба да се размислува како на последна опција за надминување на проблемот  Зошто ?

Затоа што, ако се брза со поднесување тужба пред суд, се губи драгоцено време кое би можело да се искористи многу подобро, се трошат многу пари, се појавува непријатно и лошо расположение поради изложеноста, лично или на деловните и колегијални прилики пред очите на јавноста, а секако една од страните, на завршетокот на парницата, ќе биде поразена страна, што пак може да доведе до трајно нарушување на односите на договорните страни за во иднина.

Со иницирање на постапка на медијација, наместо судска, се обезбедува постапка со брзо ефикасно и економично решавање на сите спорови предвидени во чл.1 ст.2 од Законот за медијација (ЛИНК - ТАБЕЛА) како медијабилни спорови, се гарантира  доверливоста на постапката која од самиот почеток, па до завршницата се спроведува надвор од очите на јавноста, а пристапот на медијаторот кон страните инволвирани во спорот обезбедува еднаквост, правичност и рамноправен третман во текот на сите фази по кои се одвива медијацијата.

Од особено значење е да се спомне дека спогодбата која се постигнува со медијација ќе значи компромис од кој никој од инволвираните во спор, нема да се почувствува поразен, а по однос на правната важност, постигнатата спогодба  ќе има иста правна сила како и правосилна и извршна судска одлука доколку се солемнизира кај нотар и тоа исклучиво по барање на страните, ако предвидат извршна клаузула во медијаторската спогодба и доколку сметаат дека има потреба од солемнизација.

Решавањето на спорови бара трпение и врвна човечка вредност за подадена рака кон противникот за ракување, доколку е корисно да  се зачувуваат блиски бизнис, колегијални, пријателски  релации и истите  да се негуваат и во иднина.

Што ако во договорот кој е склучен не е предвидена медијациска клаузула, а дошло до спор ?

И во овој случај, кога изостанува медијациска клаузула при склучувањето на договорот, при настанување на спор, доколку  постои волја и интерес на двете договорни страни спорот да се реши алтернативно, надвор од судската постапка,  постои  можност да се спроведе медијација. Начелото за еднаков пристап до правда важи за секого.

Зошто е важно правилно дефинирање на медијациската клаузула?  Во случај на нејасно поставена одредба со медијациска клаузула, настануваат поинакви правни последици од вистинската намера на договорните страни.

Така, доколку договорните страни имаат намера при евентуален спор истиот да го решат со медијација, треба да ги избегнат одредбите  од типот:

,,во случај на спор, истиот ќе се реши спогодбено,,

,,во случај на спор, истиот ќе се реши на мирен начин,,

,,во случај на спор, истиот ќе се решава во духот на добрите односи,,

,,во случај на спор истиот ќе се решава спогодбено, а ако не се реши спогодбено, надлежен е Основниот суд во ______ ,,

Во случај на спор, надлежен е Основен суд _______ како месно и стварно надлежен суд, откако претходно страните ќе се обидат спорот да го решат на мирен начин,, и сл.

Сите погоренаведени и слични примери на одредби за правна заштита треба да се избегнуваат бидејќи не даваат јасна слика за што конкретно страните се договориле во случај на настанување на спор.

Имено, покрај медијацијата што е само еден од неколкуте методи на алтернативно решавање на споровите, во суштина, постојат и други методи кои значат мирно и спогодбено решавање на споровите. Ако конкретно не се наведе медијациска клаузула како правна заштита, нема услови да се исклучи надлежноста да одлучуваат  судовите, за разлика од случаите кога медијацијата и терминолошки е наведена како правна заштита што сама по себе ја исклучува пак стварната надлежност на судовите бидејќи значи  пристап до правда на друг, алтернативен  начин, а не преку судска постапка. Законски е дозволено еден конкретен спор да се решава со медијација само за спорови кои се медијабилни.  

Во контекст на наведеното, медијациска клаузула како правна заштита за договорни односи може и  корисно е да се предвиди при склучување на :

Договори кои се однесуваат на отстапување на побарувања, превземање на долг или пристапување кон долг,

Договор за купопродажба на ствари,освен за договори од кои произлегуваат имотно правни спорови со кои се бара утврдување право на сопственост на недвижност,

Договор за размена на подвижни ствари,

Договор за заем,

Договор за закуп, 

Договор за градење,

Договор за превоз на лица или ствари,

Договор за складирање и за шпедиција,

Договор за организирање на патувања,

Договор за ангажирање угостителски капацитети,

Договор за осигурување,

Договор за гаранција,  

Договор за кредит и сл.
 
Официјалната веб страна на Комора на медијатори на Република Македонија можете да ја погледнете на следниот ЛИНК.

 

Од Претседателот

Да бидеме лидер и глас на бизнис заедницата, подржувач на економскиот раст на членовите на комората. Заедно да придонесеме за економската стабилност на Македонија и партнерски забрзано да се движиме напред во нова декада на наше успешно работење.

Арсовска Данелa

Интернационална мрежа

F46DCE922CC1E446A2D47D87A78FE9A1

D234AF1A2FFA9C4197F508DA3F41A889

Контакт

 info @chamber.mk
  +389.2.3091440
  +389.2.3091440
  Црвена Скопска Општина бр.10

Следете не